Превенција и заштита од насилство

Постапка за пријавување и заштита на ученик – жртва на која било од формите на насилство, злоупотреба и занемарување

Со овој правилник се уредува начинот на постапување при случаи на насилство, злоупотреба и занемарување на ученици во основното училиште, како и механизми за нивно навремено пријавување и соодветна заштита на ученикот кој е засегнат.

Во согласност со законската регулатива и стручната практика, правилникот користи термини како „жртва”, „сторител”, „сведок”, „набљудувач” и „контакт – лице”.

Со цел да се избегне стигматизација и да се задржи пристапот ориентиран кон поддршка, овие термини се користат во следнава смисла:

„Жртва на насилство” се однесува на ученик кој претрпел или бил изложен на форма на насилство. Во секојдневна комуникација се препорачува употреба на изрази како: „ученик на кој му е направена неправда”, „ученик кој бил повреден” или „ученик кој се соочува со тешка ситуација”.

„Сторител” е лице, најчесто друг ученик, кое пројавува насилно или несоодветно однесување. Во комуникација се предлагаат термини како: „ученик кој повредил друг ученик” или „ученик со проблематично однесување”.

„Сведоци” и „набљудувачи” се лица кои присуствувале на инцидент на насилство, независно од тоа дали реагирале. Пожелни се термини како: „ученици кои биле присутни” или „ученици кои го виделе настанот”.

„Контакт – лице за пријавување насилство” е лице именувано од училиштето, задолжено за прием и обработка на пријави. Во секојдневна комуникација може да се користи и изразот „лице за доверба”.

Сите термини се користат во родово – неутрална форма и подеднакво се однесуваат на сите ученици, без оглед на пол, етничка припадност, јазик, вера, социјален статус или други лични карактеристики.

Во контекст на овој правилник, се утврдуваат и дефинираат следните клучни поими:

Насилство претставува секое дејствие или пропуст што предизвикува штета, страдање или повреда на достоинството на ученикот. Се разликуваат следниве форми на насилство:

● Физичко насилство: удирање, туркање, тепање, закани со предмети итн.

● Емоционално/психичко насилство: исмевање, навредување, закани, потценување, манипулација ити.

● Социјално насилство: исклучување, игнорирање, организирано отфрлање, ширење трачеви итн.

● Сексуално насилство: допирање без дозвола, коментари со сексуална конотација, изложување или присилување на сексуални дејствија.

● Кибернасилство: навредливи пораки, објави, дигитално вознемирување или изложување на ученик преку интернет итн.

Злоупотреба означува секое постапување или однесување со кое ученикот намерно или ненамерно се повредува, загрозува или искористува, вклучително и физичко, психичко или сексуално насилство, занемарување, експлоатација, манипулација или злоупотреба на моќ, на начин што може да го наруши неговото здравје, безбедност, достоинство или развој.

Занемарување е неисполнување на обврските кон ученикот од страна на родител, старател или друго лице, што доведува до пропуштање на грижата за неговите основни потреби – физички, образовни, здравствени или емоционални.

Контакт лице во училиштето за пријавување на насилство:
Даница Алексиеска – педагог – одговорно лице – контакт телефон: 070 394 873
Билјана Анѓелкоска Попоска –наставник – заменик – контакт телефон: 077 515 949

Начин на пријавување:
Email: prijavinasilstvo.ou.draslajca@gmail.com
Tелефон: 070 394 873
Онлајн на блогот на страната на ООУ „Свети Климент Охридски” – с. Драслајца со кликање на ПРИЈАВИ НАСИЛСТВО